ПОСЛЕДЕН ПОВИК ОД УЈП Илјадници граѓани имаат само уште денови за да ги потврдат даночните пријави

Рокот за проверка и потврда на ДЛД-ГДП пријавите истекува на 1 јуни 2026 година.

ПОСЛЕДЕН ПОВИК ОД УЈП Илјадници граѓани имаат само уште денови за да ги потврдат даночните пријави
Фото: Национал

Управата за јавни приходи (УЈП) ги информира даночните обврзници дека рокот за проверка и потврда на Годишната даночна пријава (ДЛД-ГДП) за приходите остварени во 2025 година истекува на 1 јуни 2026 година. Крајниот рок првично е 31 мај 2026 година, но бидејќи паѓа во неработен ден, се пролонгира до првиот следен работен ден.

По истекот на овој рок, од 2 јуни 2026 година, сите непотврдени пријави ќе се сметаат за конечни, додека коригираните пријави ќе подлежат на одобрување од страна на УЈП.

УЈП информира дека за 2025 година се генерирани вкупно 862.896 годишни даночни пријави, што е зголемување во однос на претходната година. Досега се потврдени 27.788 пријави од страна на граѓаните.

Врз основа на податоците од ДЛД-ГДП, УЈП издава уверенија за остварен доход и ги доставува до други институции кои одлучуваат за остварување на одредени права на граѓаните.

Доколку во 2025 година граѓаните оствариле доход над 2.000.000 денари од одредени дејности (како изнајмување деловен простор, услуги, приватни часови, продажба на земјоделски производи и сл.), постои обврска за регистрација за ДДВ, а УЈП може и по службена должност да изврши регистрација врз основа на податоците.

За обврзниците кај кои е утврдена доплата на данок, по истекот на рокот ќе биде генериран налог за плаќање со фолио број. Оние со повеќе платен данок имаат право да поднесат барање за поврат.

УЈП апелира граѓаните навреме да ги проверат и потврдат своите пријави преку системот „е-Даночни услуги“, а за дополнителни информации се достапни телефонските линии и електронската пошта на институцијата.

CATEGORIES
Share This