МИНИСТЕРОТ ТОШКОВСКИ СО ТЕШКИ ОБВИНУВАЊА Политички лешинари стојат зад протестот на родителите од Кочани
Тој посочи дека протестот не бил случајно организиран токму на денот кога во Собранието се расправаше за неговата интерпелација. Според него, одредени лица имале списоци и однапред подготвени прашања, а дел од родителите дури не биле ни информирани за собраниската седница.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, остро ја нападна опозицијата, обвинувајќи ја дека стои зад протестот на родителите на загинатите деца од Кочани. Во гостување на телевизијата Алфа, во петокот вечерта, Тошковски без да понуди конкретни докази или аргументи, изјави дека опозицијата ја искористила трагедијата за политички цели, нарекувајќи ги „политички лешинари“.
Тој посочи дека протестот не бил случајно организиран токму на денот кога во Собранието се расправаше за неговата интерпелација. Според него, одредени лица имале списоци и однапред подготвени прашања, а дел од родителите дури не биле ни информирани за собраниската седница.
„Навистина, јасно е сето она коешто го направија. Па, гледаат луѓето. Секој Македонец којшто го следеше оној ден со интерпелацијата… Што сакаат, да веруваат дека не случајно ги организираа луѓето да дојдат на денот на интерпелацијата, а дел од тие луѓе не знаеја дека има интерпелација за министер за внатрешни работи?“, рече Тошковски, додавајќи дека „се срами што е дел од општество во кое некој сака да добие лајк на Фејсбук на сметка на родителски солзи“.
Ова беше второ по ред медиумско појавување на министерот за само два дена. Ден претходно, тој гостуваше на Канал 5 каде што ги образложуваше активностите на полицијата поврзани со трагедијата во Кочани.


