НЕВЕРОЈАТНА ВЕЧЕР – Македонска филхармонија подготвува музички спектакл од светска класа
Концерт што ги спојува класичните ремек-дела со современа интерпретација.

Во четврток, 28 мај, со почеток во 20:00 часот, оркестарот на Македонска филхармонија ќе одржи концерт насловен „Виенска фантазија“, на кој како солист ќе настапи виолинистот Шкељзен Доли од Албанија, а на диригентското пултo ќе застане полскиот маестро Михаил Мачиашчек.
На програмата се едни од најпознатите дела на класичниот репертоар „Четири годишни времиња“ од Антонио Вивалди и Симфонија бр. 40 во ге-мол од Волфганг Амадеус Моцарт. Концертот се реализира во соработка со фестивалот „Сцена на албанската сериозна музика“.
Шкељзен Доли (1971), роден во Елбасан, Албанија, а израснат во Ѓаковица, Косово, е истакнат виолинист со богата меѓународна кариера. Своето музичко образование го започнал во 1980 година, а од 1987 до 1991 година се школувал во Нови Сад во класата на Евгенија Чугуева.
Во 1989 година ја освоил првата награда на Југословенскиот натпревар за млади музичари во Сараево. Подоцна ги продолжил студиите на Универзитетот за музика и изведбени уметности во Виена, каде што се усовршувал кај истакнати професори, меѓу кои Дора Шварцберг, Михаел Фришеншлагер и Јозеф Хел.
Набргу по завршувањето на студиите станал дел од оркестарот на Виенската државна опера, а од 1995 година е член на Виенска филхармонија. Како камерен музичар и солист настапувал на бројни меѓународни турнеи низ Европа, Северна Америка, Африка, Израел и Јапонија. Денес е и еден од основачите на камерниот ансамбл „The Philharmonics“, кој се истакнува со современ пристап кон класичната музика.
Маестро Михаил Мачиашчек (1976), роден во Ополе, Полска, уште од најрана возраст покажал интерес за виолина и класична музика. Образованието го започнал во Познањ, а го продолжил на Музичката академија, каде дипломирал со највисоки оценки на 21-годишна возраст.
Потоа се усовршувал во Грац, а докторирал на Музичката академија во Краков. Веднаш по дипломирањето бил именуван за концерт-мајстор на Виенскиот камерен оркестар, што ја означило почетната точка на неговата меѓународна кариера.
Со години соработувал со водечки оркестри и диригенти како Рикардо Мути, Зубин Мехта и Марис Јансонс. Од 2010 година бил генерален музички директор на „Vienna Classical Orchestra“, а подоцна и уметнички раководител на „Polish Art Philharmonic Symphony Orchestra“ и Камерниот оркестар „Concertino“.
Неговата кариера вклучува и педагошка дејност во Азија, каде од 2015 година е гостин професор на Централниот конзерваториум за музика во Пекинг. Долгогодишната уметничка активност ја заокружува со тесна поврзаност со Виена, каде со децении ја гради својата интернационална музичка репутација.
