НЕОЧЕКУВАНА ОДЛУКА – Новата унгарска влада го затвора пазарот за Украина
Будимпешта воведува забрана за увоз на украински земјоделски производи.

Унгарскиот премиер Петер Маѓар донесе одлука за забрана на увозот на земјоделски производи од Украина, објави тој на социјалната мрежа Икс.
Локалниот медиум „Хангари тудеј“ наведува дека во Унгарија веќе подолг период се водат интензивни дебати околу аграрната политика на Будимпешта во однос на украинскиот увоз.
Министерот за земјоделство и храна, Соболч Бона, преку социјалните мрежи појасни дека претходната власт го оставила ова прашање во состојба на правна неизвесност. Според него, ограничувањата што ги вовела владата на Фидес биле поврзани со вонредната состојба, а по нејзиното истекување, претходните владејачки структури пропуштиле да ги продолжат мерките со закон.
Бона најави дека владата итно ќе подготви нов законски предлог со кој ќе се обезбеди правна сигурност и заштита на унгарските производители. Ограничувањата ќе се однесуваат на месни производи (говедско, свинско, јагнешко, овчо и живинско месо), како и на замрзнат зеленчук и житни култури.
Премиерот Маѓар на 14 мај ја укина вонредната состојба, првично воведена во 2020 година од поранешниот премиер Виктор Орбан поради пандемијата на Ковид-19, а во 2022 година продолжена поради руската инвазија врз Украина. Унгарија првпат воведе забрана за украински земјоделски производи во април 2023 година.
По почетокот на војната во Украина, Европската унија повика на воспоставување „коридори на солидарност“ за да се заобиколи руската блокада на црноморските пристаништа, преку кои претходно се извезуваше украинското жито. Сепак, неколку соседни земји побараа од Европската комисија воведување рестриктивни мерки, со образложение дека големите количини украинска храна го нарушуваат пазарот и им нанесуваат загуби на локалните фармери.
