КРАЈ НА МАСОВНИОТ ТУРИЗАМ Грција воведува строги ограничувања на Санторини и Миконос
Грција воведува нова стратегија за одржлив туризам и заштита на дестинациите.

Грција воведува нова стратегиска рамка за развој на туризмот со цел да се намалат негативните ефекти од прекумерниот туризам, да се заштитат природните и културните ресурси и да се насочат инвестициите кон поодржливи форми на развој.
Новите политики особено ќе се применуваат во најпосетените туристички центри како Санторини, Миконос и делови од Крит, каде локалните власти со години укажуваат на силен притисок врз инфраструктурата, животната средина и квалитетот на живот на жителите.
Во рамки на новиот план, туристичките области ќе бидат класифицирани според нивото на оптовареност од туризмот. Во најфреквентните зони ќе важат построги правила за изградба на нови хотели и апартмани.
Мерките вклучуваат ограничување на големината на новите сместувачки капацитети, заострени еколошки стандарди за инвеститорите, зголемена заштита на природните и културните локалитети и построга контрола врз краткорочното изнајмување, вклучително и платформите како Airbnb.
Властите оценуваат дека моделот на масовен туризам во неговата сегашна форма не е долгорочно одржлив, особено во летните месеци кога бројот на посетители значително го надминува капацитетот на островите.
Покрај рестрикциите во популарните дестинации, стратегијата предвидува и стимулирање на туризмот во помалку познати и посетени делови од земјата.
Целта е туристичките текови да се распределат порамномерно во текот на годината и на поширока територија, со што би се намалил притисокот врз најпознатите локации.
Планирано е унапредување на одржливиот туризам, локалната гастрономија, културните рути и автентичните искуства надвор од главните туристички центри.
Зголемениот туризам во последните години доведе до раст на цените на недвижности и кириите, особено во Атина и на островите со голем број посетители.
Локалните жители сè почесто укажуваат дека поради ширењето на краткорочното изнајмување, станува сè потешко да се најде достапно долгорочно сместување.
Дополнително, големиот број туристи создава оптоварување врз сообраќајната мрежа, водоснабдувањето, енергетските системи и управувањето со отпад.
Туризмот останува клучен сектор за грчката економија, но властите нагласуваат дека идниот развој мора да биде подобро планиран и поодржлив.
Новата стратегија има за цел да воспостави рамнотежа меѓу економските придобивки и зачувувањето на квалитетот на живот на локалното население, како и заштитата на природните ресурси кои ја прават Грција една од најатрактивните туристички дестинации во Европа.
