КАКВА ШПИОНАЖА, КАКВИ БАКРАЧИ – Дури и да ви влезат во компјутер, нема што да украдат, вели Сиљановска-Давкова
Претседателката тврди дека сите доверливи документи се чуваат исклучиво во печатена форма и дека нема електронски систем за класифицирани податоци.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова уверува дека безбедноста во нејзиниот кабинет е на највисоко ниво и оти нема логичен основ за сомнежи за шпионажа. Таа објасни дека сите доверливи документи од НАТО, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и Генералштабот ги добива исклучиво во печатена форма и дека никој освен неа нема пристап до нив.
Според Сиљановска-Давкова, во кабинетот не постои електронска мрежа за класифицирани информации, па дури и евентуален упад во компјутер не би можел да доведе до откривање државни тајни. Таа нагласи дека по читањето, документите се предаваат на овластено лице со сертификат „државна тајна“, а потоа се архивираат или враќаат кај испраќачот.
Претседателката откри дека веднаш контактирала со Министерството за внатрешни работи штом била известена за можно нарушување на компјутерската безбедност од страна на еден од вработените.
Сиљановска-Давкова упати критики и кон Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, оценувајќи дека во предистражната постапка не се почитува членот 289 од Законот за кривична постапка, кој предвидува тајност на сите дејствија. Таа изрази незадоволство што Обвинителството комуницирало преку медиумите и јавно зборувало за контактите со МВР, иако, како што нагласи, сè уште нема официјален случај, туку само предистражна постапка.
