ОБВИНИТЕЛСТВОТОТ ОТВОРИ ИСТРАГА 76-годишен возач осомничен за тешка сообраќајка со четири загинати
Сомнеж за неприлагодена брзина и губење контрола над товарното возило.

Обвинителството соопшти дека 76-годишен државјанин на Косово, возач на товарно возило, е осомничен за тешки дела против безбедноста во сообраќајот, по тешката несреќа на скопската обиколница во која животот го загубија четири лица.
Според јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, е отворена истражна постапка против осомничениот, кој управувал камион „МАН“ со полуприколка и косовски регистарски таблички, движејќи се по северната обиколница на Скопје во правец од запад кон исток.
Во соопштението се наведува дека возачот не ги почитувал сообраќајните прописи и не ја прилагодил брзината според условите на патот, густината на сообраќајот и состојбата на коловозот, поради што не можел навремено да реагира. Во близина на клучката Мирковци изгубил контрола над возилото, преминал преку металната заштитна ограда и навлегол во спротивната коловозна лента.
Таму директно се судрил со автомобил „БМВ“ кој се движел од спротивна насока, по што двете возила се запалиле. Во трагедијата на самото место загинале сите четворица патници во патничкото возило.
Поради ризик од бегство и можност за повторување на делото, обвинителството побарало притвор од судијата на претходна постапка.
