НЕМА ДОГОВОР СО РАЈАНЕР – Но 5 нови авио линии ова лето
Субвенции од 9 и 12 евра за привлекување странски патници.

Иако не е постигнат договор со нискобуџетната авиокомпанија „Рајанер“, Владата продолжува со отворање нови авиолинии и проширување на мрежата на летови од македонските аеродроми, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој најави пет нови дестинации во текот на летото.
Тој нагласи дека државата останува отворена за соработка со сите авиокомпании, но нема да прифати условувања кои би биле на штета на останатите превозници и на државните интереси.
„Даваме субвенција од 9 евра за секој странски патник кој пристигнува на скопскиот аеродром и 12 евра за охридскиот. Ако сакаат да учествуваат, вратата е отворена. Но, не можеме да прифатиме уцени, укинување на други линии во нивна корист и субвенции кои би биле два и пол пати повисоки само за една компанија“, изјави Николоски.
Тој додаде дека во моментов се водат разговори со други заинтересирани авиокомпании, нагласувајќи дека Македонија е меѓу ретките земји во регионот кои во услови на глобални предизвици во авиоиндустријата отвораат нови линии.
Според најавите, се очекуваат пет нови рути: директен лет Виена–Охрид со „Аустриа Ерлајнс“, две нови линии од Полска (Краков и Вроцлав) кон Охрид, како и две летни дестинации од Скопје кон Палермо и Алгеро во Италија.
Министерот информираше и дека „Визер“ ќе стационира седми авион на скопскиот аеродром, со што компанијата дополнително ќе го зголеми присуството, а се разгледува и можноста за воспоставување база на охридскиот аеродром.
Во однос на снабдувањето со керозин, тој истакна дека државата располага со резерви над законскиот минимум и дека стабилноста во снабдувањето е на задоволително ниво, при што дел од соседните аеродроми се снабдуваат и од македонски извори.
КРАЈ НА ПОВРЗУВАЊЕТО – Македонија останува без клучна авио-линија
