КРАЈ НА ПОВРЗУВАЊЕТО – Македонија останува без клучна авио-линија
Авиокомпанијата ги повлекува сите летови за летната и зимската сезона, и покрај претходните најави за кратка пауза.

„Луфтханза“ ги укинува летовите на релацијата Франкфурт – Скопје по повеќе од три години работа. Иако првично беше најавена само привремена суспензија од еден месец, почнувајќи од 1 јуни со продолжување на 1 јули, авиокомпанијата сега ги повлекла сите летови за преостанатиот дел од летната сезона, како и за зимскиот распоред кој стартува на 25 октомври, објавува ExYuAviation.
Наместо директни летови, патниците ќе бидат пренасочувани преку Виена со помош на „Аустријан ерлајнс“, која е дел од истата групација.
„Луфтханза“ ја воспостави оваа линија кон крајот на април 2023 година, но во изминатата зима значително ги намали операциите во Скопје, сведувајќи ги планираните десет на само три лета неделно во февруари и март.
Компанијата претходно користеше и субвенции од македонската влада за воспоставување на линијата, со поддршка која важеше до 30 декември 2025 година.
Овој потег доаѓа по турбулентен период за „Луфтханза“, обележан со штрајкови, затворање на подружницата „Ситилајн“ и последователно укинување на повеќе рути.
