ПОЧИТ КОН ЛЕГЕНДАТА – „Фолк Фест„ Валандово му оддава голема почит на Никола Бадев
Наградата за најдобра интерпретација го носи името на легендата на македонската народна песна.

По повод 50 години од смртта на легендарниот македонски интерпретатор на народна музика Никола Бадев, Фолк Фест Валандово 2026 година ќе му оддаде посебна почит на неговото богато музичко наследство.
Наградата за најдобра интерпретација на фестивалот го носи неговото име „Никола Бадев“, и се доделува за најуспешна вокална изведба во текот на фестивалската вечер, претставувајќи едно од најзначајните признанија во рамките на манифестацијата.
Во чест на јубилејот, наградата „Никола Бадев“ годинава ќе ја додели неговата ќерка, Роска Бадева.
Никола Бадев останува запаметен како еден од највлијателните и најпрепознатливи интерпретатори на македонската народна песна, чиј израз и стил оставија длабок и траен белег во музичката традиција. Наградата што го носи неговото име ја истакнува важноста на интерпретацијата како клучен елемент на народната песна.
Фолк Фест Валандово 2026 ќе се одржи на 26 и 27 мај под слоганот „Да ни е жива песната македонска“, а ова издание ќе биде 39-то по ред.
