ГОЛЕМО ПРИЈАТЕЛСТВО – Кина и Русија ја зацврстуваат врската до максимум
Москва и Пекинг ја потврдуваат поддршката за мултиполарен светски поредок.

Односите меѓу Русија и Кина достигнаа историски највисоко ниво на сеопфатно партнерство и стратешка координација, изјави кинескиот претседател Си Џинпинг на заедничка прес-конференција со рускиот лидер Владимир Путин.
Тој истакна дека 30-годишното партнерство меѓу двете земји се развивало низ предизвици и промени, но постојано напредувало и сега претставува пример за однос меѓу големи сили во современи услови.
Според Си, разговорите меѓу делегациите биле детални, пријателски и продуктивни, со фокус на клучни стратешки прашања. Тој додаде дека Москва и Пекинг заеднички придонесуваат во зачувување на меѓународната правда и стабилност.
Кинескиот претседател предупреди дека светот се соочува со зголемени тензии и ризик од враќање на „законот на џунглата“, нагласувајќи дека двете земји треба да се спротивстават на хегемонијата и едностраноста во меѓународните односи.
Тој подвлече дека како постојани членки на Советот за безбедност на ОН, Русија и Кина имаат одговорност да го зајакнат авторитетот на организацијата и да ја бранат меѓународната правда.
Си Џинпинг нагласи дека политичката доверба меѓу двете држави е клучна карактеристика на нивните односи, кои се засноваат на принципите на ненамесување, неконфронтација и непријателство кон трети страни.
Според него, трговската размена продолжува да расте и во првите четири месеци од 2026 година е зголемена за околу 20 проценти, при што вкупната билатерална трговија надминува 200 милијарди долари трета година по ред.
За време на посетата на Владимир Путин на Кина, двете земји потврдија продолжување на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, како и намерата за натамошно зајакнување на стратешкото партнерство и поддршка на мултиполарен свет.
