ГОЛЕМА ЧЕСТ ЗА БЛАГА ПЕТРЕСКА НА ФОЛК ФЕСТ ВАЛАНДОВО – Добитничка на награда за животно дело

Фолк икона доби највисоко фестивалско признание – еве што велат организаторите.

ГОЛЕМА ЧЕСТ ЗА БЛАГА ПЕТРЕСКА НА ФОЛК ФЕСТ ВАЛАНДОВО – Добитничка на награда за животно дело
Фото: Принтскрин

Фолк Фест Валандово 2026 со голема чест ја доделува Наградата за животно дело на Блага Петреска, една од најзначајните и највлијателни женски вокални имиња во историјата на македонската народна музика.

Блага Петреска, доајен на македонската песна, со децении ја гради својата кариера со препознатлив глас, достоинствен настап и длабока емоција во интерпретацијата. Нејзините изведби остануваат трајно врежани во колективната меморија на публиката, а многу од нејзините песни и денес се пеат и се пренесуваат од генерација на генерација.

Како што истакна Горјан Стојановски, директор на Фолк Фест Валандово, наградата ѝ се доделува затоа што таа претставува вистински доајен на македонската народна песна и затоа што токму на овој фестивал ги има создадено некои од своите најголеми хитови. Песните „Ти ме предаде“, „Заљуби се“ и „Пеам да не заплачам“ остануваат важен дел од македонското музичко наследство, а нејзиниот глас оставил силен и траен впечаток кај публиката.

Нејзиниот професионален пат започнува со музичко образование во Прилеп и Скопје, каде завршува нижо и средно музичко училиште, како и Виша педагошка академија. Работела како наставник во нижото музичко училиште во Прилеп, а повеќе од три децении била член на хорот при операта на Македонскиот народен театар во Скопје.

Во историјата на Фолк Фест Валандово, Петреска има посебно место. Во 1987 година, со песната „Заљуби се“, ја освои првата награда од публиката, едно од најзначајните признанија на фестивалот. Во 2022 година ѝ беше доделена и Наградата за трајни вредности, како потврда за нејзиниот долгогодишен придонес во македонската народна песна и фестивалската традиција.

Во текот на својата богата кариера има снимено бројни плочи, ЦД изданија и соработувано со различни оркестри и музички состави. Нејзиниот израз се одликува со мерка, чиста емоција и искрена почит кон песната, со што успева да воспостави силна врска со публиката.

Наградата за животно дело претставува признание за нејзината голема и значајна кариера, како и за придонесот кон македонската народна музика и фестивалската традиција на Фолк Фест Валандово.

Фолк Фест Валандово 2026 ќе се одржи на 26 и 27 мај под слоганот „Да ни е жива песната македонска“. Ова 39-то издание на фестивалот, најреномираниот македонски фестивал за новокомпонирана народна музика, ќе понуди две вечери посветени на македонската песна, традицијата и фестивалскиот дух.

На 26 мај, на плоштадот во Валандово, ќе се одржи предфестивалска вечер со најголемите валандовски хитови и настапи на Блага Петреска, Елена Велеска, Кате Соната, Христијан Божинов, Мишко Крстевски и Марјан Коцев, а вечерта ќе биде заокружена со мини концерт на Влатко Миладиноски.

На 27 мај, во салата „Јанко Узунов“ во Валандово, ќе се одржи големата фестивалска вечер со 20 нови композиции под музичко водство на проф. д-р Илчо Јованов. Настанот ќе се пренесува во живо на МТВ 1, со почеток во 20:30 часот.

CATEGORIES
Share This