ШПИУНСКА АФЕРА ИЛИ ЛАЖНА ТРЕВОГА – Истрага во Кабинетот на Сиљановска Давкова имало уште од декември лани

Обвинителството потврдува дека уште во декември била отворена предистрага по пријава за можно извлекување и енкриптирање доверливи податоци од Кабинетот на претседателката.

ШПИУНСКА АФЕРА ИЛИ ЛАЖНА ТРЕВОГА – Истрага во Кабинетот на Сиљановска Давкова имало уште од декември лани
Фото: Принтскрин

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција веќе неколку месеци води предистрага за можни незаконски активности во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, поврзани со сомнежи за извлекување и енкриптирање доверливи податоци.

Според информациите, до Обвинителството била доставена анонимна кривична пријава потпишана од „група вработени во МВР“, во која се наведува дека од компјутерскиот систем во Кабинетот на претседателката биле копирани и шифрирани податоци. Во пријавата се изразува сомнеж дека дел од информациите можеби завршиле кај странски разузнавачки служби.

Под сомнение, според наводите, е ИТ-администратор во Кабинетот, за кого се тврди дека копирал и складирал доверливи материјали. Во пријавата се споменуваат и други лица од Кабинетот и од разузнавачките структури, за кои постојат сомнежи дека евентуално учествувале во прикривање докази.

Од Обвинителството потвруваат дека има предистрагата која била отворена уште во декември минатата година, по известување од Секторот за компјутерски криминал при МВР. Во рамки на постапката биле издадени наредби за анализа на компјутерска опрема, мобилни телефони и електронски податоци, но досега не бил доставен конечен извештај за содржината на евентуално извлечените информации.

Дополнителни сомнежи предизвикува и фактот што Обвинителството сè уште не успеало да обезбеди копии од снимките од безбедносните камери во Кабинетот на претседателката. Од Кабинетот посочиле дека не располагаат со видеозаписите бидејќи системот бил набавен преку СОЗР, додека од Службата за општи и заеднички работи тврдат дека тие само ја набавиле опремата и дека снимките се во надлежност на МВР.

Од Министерството за внатрешни работи потврдиле дека се одземени компјутерска опрема и мобилни телефони и дека е во тек анализа на електронските докази, но не одговориле зошто видеоснимките сè уште не му се доставени на Обвинителството.

CATEGORIES
TAGS
Share This