МАЛ КВАРТЕТ, ГОЛЕМО ВЛИЈАНИЕ – Македонски музичари подготвија спектакл во Белград

Квартетот „Атака“ настапува вечерва во 19 часот во Македонскиот КИЦ во Белград.

МАЛ КВАРТЕТ, ГОЛЕМО ВЛИЈАНИЕ – Македонски музичари подготвија спектакл во Белград
Фото: Принтскрин

Македонскиот КИЦ во Белград, во соработка со СОКОМ и Балкан Музик Форум, вечерва во 19 часот ќе биде домаќин на концертот на гудачкиот квартет „Атака“. Настанот е поддржан од Министерството за култура и туризам, а пред белградската публика ќе го претстават Васко Шутаров во име на КИЦ Белград и Дејан Мојсовски во име на СОКОМ. На програмата се дела од македонските композитори Стефан Гајдов, Драган Шуплевски, Ана Пандевска и Гоце Гавриловски.

Гудачкиот квартет „Атака“, формиран во 2022 година, за релативно кратко време се етаблира како еден од поактивните млади камерни ансамбли на домашната музичка сцена. Во неговиот состав се Ева Богоевска и Марија Трајковска на виолини, Илза Бафтиари на виола и Маја Михајловска на виолончело. Сите членки се етаблирани музичарки со солидно искуство како солистки и оркестарски изведувачи, образовани под водство на реномирани професори во земјата и во странство.

Од самиот почеток, квартетот „Атака“ е насочен кон промоција на современото македонско музичко творештво. Нивните настапи на фестивалот „Денови на македонска музика“ ги потврдуваат како посветени интерпретатори на камерни дела од различни генерации македонски автори, меѓу кои Драгослав Ортаков, Ристо Аврамовски, Јана Андреевска, Валентина Велковска Трајановска и Филип Иванов.

Критиката го опишува нивниот израз како технички прецизен и стилски доследен, со јасно оформен звучен идентитет и внимателно избалансирани интерпретации. Со ваквиот пристап, младата формација „Атака“ веќе се позиционира како значаен учесник и промотор на современата македонска камерна сцена.

CATEGORIES
Share This