КИМ ЏОНГ УН – Остри пораки кон „заклетвениот непријател“

И покрај примирјето од 1953 година, двете Кореи технички сè уште се во војна, што дополнително ја одржува високата тензија на полуостровот.

КИМ ЏОНГ УН – Остри пораки кон „заклетвениот непријател“
Фото: Принтскрин

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун изјави дека е неопходно значително зајакнување на воените сили долж границата со Јужна Кореја, со цел таа да се претвори во „неосвоива тврдина“, јавува државната новинска агенција КЦНА.

Според неговите изјави, плановите за јакнење на фронтовските единици и другите големи воени формации се клучни за постигнување „поефективно одвраќање од војна“.

Ким истакнал и потреба од модернизација на воената обука, како и проширување на практичните вежби, со цел тие да ги следат промените во современото војување и да се прилагодат оперативните концепти на севернокорејската армија.

Тој повторно ја нагласил потребата од будност кон „заклетвениот непријател“, термин што Пјонгјанг го користи за Јужна Кореја.

Во меѓувреме, јужнокорејското Министерство за обединување соопшти дека ова најверојатно е прв состанок на Ким со команданти на дивизии и бригади откако ја презеде власта, додавајќи дека Сеул ќе продолжи да управува со воените тензии и да работи на градење доверба.

Здружениот штаб на јужнокорејската армија информираше дека севернокорејските сили од март интензивирале утврдувачки активности во близина на копнената граница, вклучително и изградба на ѕидови.

Двете Кореи формално сè уште се во војна, бидејќи конфликтот од 1950 до 1953 година заврши со примирје, а не со мировен договор, потсетува Ројтерс.

CATEGORIES
Share This