КРАЈ НА ЧЕКАЊЕТО – Автопатот Кичево-Охрид блиску до финална фаза
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека автопатот Кичево–Охрид би можел да биде завршен до првиот квартал од следната година.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за динамиката на патното поврзување кон Кичево, изјави дека интензивно се работи на автопатските делници во тој регион.
Тој посочи дека неодамна заедно со новинари биле извршени обиколки на градежните активности на автопатот Гостивар-Букојчани и Кичево-Охрид, при што нагласи дека во проектот се инвестираат над една милијарда денари.
Според него, делницата Кичево-Охрид би требало да биде завршена најдоцна до првиот квартал од следната година, проект кој, како што рече, долго време бил запоставен и оштетен, поради што сега се разгледуваат и можности за утврдување одговорност за претходното одложување.
Во однос на делницата Гостивар-Букојчани, премиерот истакна дека работите се во напредна фаза, а според информациите од изведувачот, значителен дел од трасата веќе е пробиен.
Тој додаде и дека имотно-правните односи за проектот се целосно решени, што овозможува непречено продолжување на градежните активности и завршување на автопатот.
