НЕИЗДАВАЊЕ ФИСКАЛНИ СМЕТКИ – УЈП изрече 242 глоби за четири месеци
За четири месеци спроведени 960 теренски контроли низ државата.

Управата за јавни приходи (УЈП) продолжува со засилени теренски контроли за фискализација, а податоците за првите четири месеци од 2026 година покажуваат раст на бројот на утврдени неправилности кај деловните субјекти.
Во овој период биле спроведени 960 теренски контроли, што е за 5% повеќе во споредба со истиот период лани. Контролите опфатиле 434 угостителски објекти, 318 трговски објекти, 201 услужен објект и седум приредувачи на игри на среќа.
Според УЈП, кај 395 субјекти се утврдени прекршувања на Законот за регистрирање на готовински плаќања, што претставува 42% од контролираните компании. Од нив, околу 30% се однесуваат на неиздавање фискални сметки, користење непропишани сметки или непоседување фискална каса.
Од Управата посочуваат дека најчеста неправилност и понатаму е неиздавањето фискални сметки, поради што биле изречени 242 глоби. Дополнително, значително е зголемен бројот на прекршоци поврзани со невоведување фискален систем и од седум случаи лани на 32 оваа година.
Поради повторени прекршоци, на 25 субјекти им била изречена мерка привремена забрана за вршење дејност, односно запечатување на објектите.
Контролите биле спроведени врз основа на пријави од граѓани преку линијата 198, интерни анализи и координација со други институции. Во првите четири месеци годинава до УЈП пристигнале 887 пријави од граѓани, што е за 36% повеќе во споредба со лани. Граѓаните можат да пријавуваат неправилности и преку апликацијата „МојДДВ“.
Од УЈП најавуваат уште позасилено теренско присуство и примена на нова методологија на контроли, која вклучува вкрстени проверки за утврдување на веродостојноста на прикажаните приходи кај даночните обврзници.
„Насочени сме кон откривање на моделите и механизмите преку кои се создава неевидентираниот промет и непријавените даноци“, велат од Управата.
УЈП ги повикува даночните обврзници доброволно да го евидентираат неевидентираниот промет и соодветно да го прикажат во даночните пријави, предупредувајќи дека во спротивно ќе следуваат дополнителни контроли и санкции согласно законските прописи.
