Парада пред празни трибини – неопходна потреба или лоша проценка на Русија
Современата Русија има капацитет за регионално влијание, но не и за доминација како СССР во времето на Студената војна.

Колумна, Национал
проф. д-р Јанко Бачев
Среда, 13 мај 2026 година
Парадата во Москва по повод Денот на победата покажа дека сосема основано може да се изведе заклучокот дека наместо демонстрација на сила и самодоверба, парадата остави впечаток на внимателно режиран настан зад кој се насетува политичка и дипломатска несигурност на Русија.
Според мене, ова беше една од најнеубедливите руски паради во последните години со влијае врз меѓународниот имиџ на Русија, од неколку причини:
Прво, големи очекувања беа наметнати уште пред самиот настан. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, најави дека говорот на рускиот претседател ќе испрати порака што „ќе одекне во светот“. Наместо тоа, видовме краток говор на Владимир Путин без некој сериозна содржина, брзање говорот што поскоро да заврши и негово заминување. Поврзано со ова, не беа спомнати клучните цели што Москва со години ги нагласува(ше) во однос на војната со Украина – „денацификација“, „демилитаризација“ и неутралност на Украина, можеби од оправдана причина: војната влезе во петтата година, а ниту една од овие цели не е реализирана, што отвора прашања и за стратегијата и за можностите на Кремљ.
Второ, изненадувачки впечаток остави Владимир Путин кој изгледаше потиштено, уморно, со променет изглед на лицето на граница на плашливост, без енергијата и самоувереност што порано беа препознатлив дел од ваквите настапи. Пред парадата CNN шпекулираше за можни внатрешни потреси во Русија, па и за сценарија за државен удар. Според мене, сепак, таквите анализи засега изгледаат претерани, бидејќи за државен удар потребни се предуслови, како на пример, длабока политичка криза, нестабилен политички систем, голема економска криза, задоволувачко единство во војската да изврши удар, силен внатрешен опозициски центар, непопуларен водач и претседател – елементи што во моментов не се видливи во Русија во таа мера.
Трето, парадата покажа целосна политичка и дипломатска изолација на Русија на светската сцена, во споредба со времето на СССР кои заедно со САД беа две доминантни светски сили. Колку за илустрација, од 193 членки на ОН на парадата беа само лидерите на Казахстан, Узбекистан, Туркменистан, Малезија, Белорусија и Република Српска. Ова можеби и не треба да зачудува ако сега знаеме дека беше предомислен, да не речам му беше забрането, дури и на кинескиот претседател Кси Џинпинг да дојде во Москва каде во изминатите години беше редовен гостин во друштво на Путин. Според тоа, на настанот присуствуваа само неколку лидери од блиски или традиционално пријателски земји на Русија, додека најголемиот дел од светските центри на моќ отсуствуваа. Тоа дополнително го засили впечатокот дека Москва сè уште е далеку од позицијата на светска сила што некогаш ја имаше Советскиот Сојуз, а чие место сегашна Русија сака да го поврати.
Четврто, особено индикативна е фотографијата што ја гледате од главниот настан на парадата со положувањето цвеќе кај Гробот на незнајниот јунак – момент што традиционално треба да демонстрира единство и меѓународен престиж. Наместо тоа, составот на делегацијата остави впечаток на импровизација и обид вештачки да се прикаже поголема политичка поддршка отколку што реално постои. Токму ваквите детали покажуваат погрешен тактички приод на стратешките протоколорани советници на Путин, со што се виде дека сè потешко успева да создаде слика на глобално лидерство. На пример, на сликата гледате 14 „лидери“ при најзначајниот момент кога се положува цвеќе на незнајниот јунак каде традиционално тоа го прават лидерите. Но, тоа што го гледате не се светски лидери, дури шест на сликата од лево и десно се лица од Република Српска несоодветно за природата на овој настан, а останатите се само лидерите на неколкуте држави што веќе ги спомнав.

Петто, сето ова дополнително ја отвора дилемата за вистинската позиција на Русија во современиот светски поредок. Русија без сомнение останува воена сила со огромен нуклеарен арсенал. Но статусот на глобална суперсила не се гради само со воена или економска моќ. Потребен е и силен меѓународен авторитет, политички сојузи, дипломатско влијание и способност да се наметнуваат глобални правила. Нуклеарно оруже има на пример и Франција, Пакистан, Индија. Северна Кореја, Израел… но тоа не значи дека се светски сили…економски одлично стојат минијатурни држави како што се Лихтештајн, Луксембург или повеќе западноевропски држави, но тоа не значи дека се светски сили. Според тоа, за денешна Русија може да се каже дека има капацитет да биде важен регионален фактор, но не и сила со доминација налик на СССР за време на Студената војна. Спомнав дека за светска сила покрај воена и економска моќ потребно е меѓународен авторитет кој, на пример, за САД завршува на границите на Кина и Русија и останатиот свет целосно го владее во смисла на тоа, кој ќе им застане на патот, бомбардираат, убиваат, киднапираат лидери на држави и слично. Се разбира, некој ќе морализира дека тоа не е добро. Да, се согласувам, но така е скроена суровата меѓународна сцена каде моралот има мало значење и во која одамна е запишано дека силните го прават тоа што можат а слабите тоа што мораат.
Да резимирам, погрешен концепт на парадата и според мене подобро било да се имаат предвид две варијанти, прво, воопшто да не се одржи парадата за да се избегне понижувањето за кое пишувам а имаше убедлива причина, едноставно да се каже за време на војна не се прават паради, и второ, кога веќе сакале парада корисно пред светот ќе беше Путин да изјави дека формални пораки за учество не праќавме, но секој што би дошол во Москва покажува храброст во услови на меѓународни притисоци или во стилот на нашата македонска, колку сме, толку сме, токму се, или остро спакувано во дипломатска обланда а во суштина со значење кој ве е*ава, дошле не дошле, ние продолжуваме понатаму. Но, видовме концепт спакуван од тимот на Путин, кој според мене беше погрешен и понижувачки за Русија!
