НЕОЧЕКУВАН СОЈУЗ – САД и Кина испраќаат заедничка порака кон светот
Договорена заедничка позиција против воведување такси за стратешки водни патишта.

Вашингтон и Пекинг ретко заземаат усогласени позиции, но овојпат испраќаат заедничка порака: меѓународните поморски рути не смеат да се претворат во наплатни зони.
Според соопштение на американскиот Стејт департмент, САД и Кина се согласиле дека ниту една држава или организација не треба да воведува такси за минување низ стратешки водни патишта, како Хормускиот Теснец. Оваа заедничка позиција, како што се наведува, произлегла од телефонски разговор во април меѓу американскиот државен секретар Марко Рубио и кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, пренесува „Ројтерс“.
Во разговорот, Рубио ја отворил и можноста кинески бродови да бидат опфатени со евентуални такси, со цел да се зголеми дипломатскиот притисок врз Техеран. Од кинеската амбасада во Вашингтон не ја оспориле американската верзија на разговорот и порачаа дека безбедноста и непречениот поморски сообраќај се во интерес на меѓународната заедница.
Иран претходно ја претстави идејата за „безбедносна такса“ за бродови што минуваат низ теснецот, додека САД предупредија дека компании што би плаќале такви давачки може да се соочат со санкции. Во меѓувреме, стотици трговски бродови се заглавени во Персискиот Залив, а големите превозници алармираат дека транзитот низ Хормускиот Теснец останува сериозно отежнат.
Иако Вашингтон и Пекинг во овој момент имаат усогласен став за прашањето на наплатата, меѓу нив и натаму постојат значајни разлики. Кина претходно стави вето на американски предлог во Обединетите нации за заштита на комерцијалната пловидба, додека САД воведоа нови санкции против компании поврзани со извоз на иранска нафта кон Кина. Затоа претстојната средба меѓу Доналд Трамп и Си Џинпинг ќе покаже дали оваа ретка согласност ќе прерасне во поширока соработка или ќе остане само изолиран дипломатски момент.
