ЛИДЕРОТ НА ДУИ СО ДИРЕКТНА ЗАКАНА Ако Али излезе на улица, враќање нема
Ако поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши, заврши на обвинителна клупа за пожарот во импровизираната дискотека „Пулс“ во Кочани, Демократската унија за интеграција ќе излезе на улица.

Ако поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши, заврши на обвинителна клупа за пожарот во импровизираната дискотека „Пулс“ во Кочани, Демократската унија за интеграција (ДУИ) ќе излезе на улица. Ова го изјави лидерот на партијата, Али Ахмети, за ТВ24, предупредувајќи дека евентуално обвинение за Бектеши би било политички прогон.
„Ако Али Ахмети излезе на улица, враќање нема“, рече првиот човек на ДУИ, додавајќи дека партијата ќе ги поддржи и протестите на семејствата на загинатите деца, кои исто така бараат неселективна правда.
Ахмети е дециден дека протестите ќе продолжат сè додека не се обезбедат предвремени парламентарни избори и системски реформи.
Според него, дел од решението е и сеопфатен ветинг на сите јавни функционери – од осамостојувањето на државата до денес – вклучително и на судии, јавни обвинители, како и ревизија на приватизацијата и испитување на потеклото на имотот.
Ахмети испрати и јасна порака – ако се „чепне“ албанскиот јазик, ДУИ ќе ги бојкотира локалните избори. Според него, избори без учество на ДУИ не би биле успешни и би довеле до сериозна политичка криза која ќе може да се реши само со нови парламентарни избори.
Лидерот на ДУИ тврди дека понудата за заедничко одржување на предвремени парламентарни и локални избори дошла од премиерот Христијан Мицкоски пред околу 100 дена. Целта, според Ахмети, била рационализација на трошоците, но и избегнување на преклопување на изборни циклуси што би значело три избора до 2029 година. Тој додава дека Мицкоски потоа се премислил, најавувајќи дека парламентарни избори би се одржале најрано во пролетта 2026 година.
Иако прашањето останува отворено, Ахмети не ја исклучува понатамошната комуникација со Мицкоски. Тој откри дека досега имал три средби со Арбен Таравари, актуелен коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, и дека е можно соработка за претстојните локални избори. Меѓутоа, засега не е дефинирано дали таа соработка би била во првиот или вториот круг од изборниот процес.
ДУИ се уште не ги свикала највисоките партиски органи, но според Ахмети, тоа ќе се случи во рок од една недела, кога ќе се анализираат сите политички состојби и можни сценарија.
На прашањето за можен сојуз и со СДСМ во некои општини, Ахмети беше резервиран, наведувајќи дека се ќе зависи од тоа дали изборите ќе се одржат во октомври и дали ДУИ ќе одлучи да ги бојкотира.
Ситуацијата со потенцијалното обвинение против Бектеши, заедно со повиците за ветинг и избори, ја отвора вратата за нова политичка нестабилност во земјата, а следните недели ќе бидат клучни за тоа дали партиските лидери ќе најдат заеднички јазик или ќе се продлабочат поделбите.


