НЕ СМЕ ПОВЕЌЕ НАБЉУДУВАЧИ – Силна порака од министерката Божиновска во Белград

Министерката порача дека Македонија повеќе не е пасивен следбеник, туку активен креатор на енергетските политики.

НЕ СМЕ ПОВЕЌЕ НАБЉУДУВАЧИ – Силна порака од министерката Божиновска во Белград
Фото: Принтскрин

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини учествуваше на „Belgrade Energy Forum 2026“, еден од најзначајните регионални собири посветени на енергетиката, каде со министри, претставници на Енергетската заедница, меѓународни институции и експерти се дискутираше за енергетската безбедност, декарбонизацијата и иднината на енергетскиот сектор во регионот.

На панелот за енергетска транзиција и регионална соработка, таа истакна дека Северна Македонија повеќе не е само набљудувач на енергетските процеси, туку активен учесник кој ги обликува сопствените политики и се позиционира како стабилен и релевантен партнер во регионот.

„Енергетската криза јасно покажа дека безбедноста и транзицијата мора да одат заедно. Македонија суштински го промени пристапот и од пасивно следење на пазарот кон активно планирање, инвестиции и развој“, изјави министерката.

Таа посочи дека со новиот Закон за енергетика, донесен во 2025 година, е воспоставена предвидлива регулаторна рамка која го олеснува инвестирањето и го забрзува развојот на обновливите извори на енергија.

Според неа, производството на електрична енергија од сонце е зголемено речиси 50 пати во однос на 2016 година.

Како значајни инвестиции ги истакна проектите на АД ЕСМ, меѓу кои фотоволтаичните централи во РЕК Битола и РЕК Осломеј, кои, како што рече, претставуваат пример за праведна енергетска транзиција и трансформација на јагленските капацитети во извори на чиста енергија.

Таа се осврна и на диверзификацијата на снабдувањето со енергенси и регионалното поврзување, нагласувајќи дека државата работи на гасни интерконекции со Грција и Србија, што ќе овозможи пристап до нови извори на природен гас и LNG терминали. Паралелно, се зајакнува и електроенергетското поврзување со соседните земји.

Во однос на европските политики и механизмот CBAM, министерката истакна дека е воспоставен систем за Гаранции за потекло на електрична енергија, кој треба да ја зголеми конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар.

„Нашата цел е Македонија да стане земја со декарбонизиран, дигитализиран и регионално интегриран енергетски систем, со зголемено домашно производство на чиста енергија. Регионалната соработка не е избор, туку неопходност“, порача таа.

Во рамки на форумот, министерката одржа и повеќе билатерални средби со претставници на регионални институции, компании и меѓународни партнери, посветени на нови инвестиции и продлабочување на енергетската соработка.

CATEGORIES
Share This