КВАДРАТ НАД 3.000 ЕВРА – Што се случува на пазарот на недвижности
Скопје и Охрид предводат со цени над 3.000 евра за квадрат, пазарот сè понедостапен за граѓаните.

Цените на становите во Македонија бележат значителен пораст, а експертите предупредуваат дека пазарот на недвижности сè повеќе се оддалечува од реалните економски услови. Највисоки цени за квадратен метар се забележуваат во Скопје и Охрид, каде на атрактивните локации тие надминуваат и 3.000 евра.
Според стручњаците, граѓаните често добиваат искривена слика за вистинската состојба на пазарот преку интернет-огласите, каде се објавуваат нереално високи цени. Тоа создава впечаток за драматичен раст, кој не секогаш ја одразува реалната пазарна вредност.
„Нашата основна цел е да информираме, затоа што имаше долг период кога граѓаните не можеа да се информираат колкава е реалната пазарна вредност на недвижностите, па затоа се пласираа такви ’пробни балони‘ и се создаваше впечаток дека цените пораснале за 100 или 200 проценти, што не е реално“, изјави Иван Живковски, директор на Агенцијата за катастар.
Од Комората на проценители посочуваат дека постојната методологија за проценка на недвижности е застарена и не ги следи современите економски движења. Затоа најавуваат нејзина промена и усогласување со меѓународните стандарди.
„Во тек се разговори со Министерството за транспорт за идна промена на самата методологија. Се надевам дека брзо ќе успееме да ја добиеме таа можност, за да може да имаме квалитетна процена со реална пазарна вредност, што влијае и врз оданочувањето и врз транспарентноста пред граѓаните“, истакна Ѓорѓе Сприровски, претседател на Комората на проценители.
На Деветтата меѓународна конференција на проценители во Охрид беше заклучено дека геополитичките случувања, инфлацијата и поскапувањето на градежните материјали значително влијаат врз цените на недвижностите, поради што е потребен пофлексибилен и помодерен систем за нивна проценка.
