ПОРАКА ОД ПУТИН – Зошто Москва ја смени воената парада?
Путин открива две клучни причини зад одлуката за парадата во Москва

Одлуката на парадата во Москва да не биде прикажана воена опрема не е донесена исклучиво од безбедносни причини, изјави рускиот претседател Владимир Путин.
Тој објасни дека постојат две клучни причини: прво, безбедноста, и второ, фокусот на вооружените сили на воените активности во рамки на „специјалната воена операција“.
„Решивме свеченостите да се одржат, но без демонстрација на воена опрема, бидејќи армијата мора да биде насочена кон исполнување на своите задачи“, изјави Путин за новинарите, пренесува РИА Новости.
Вчера во Москва се одржа свечена парада по повод 81-годишнината од победата во Втората светска војна. На Црвениот плоштад учествуваа кадети, припадници на специјални единици и воен персонал, вклучително и претставници од Корејската народна армија.
Во авијацискиот дел настапија акробатските групи „Руски витези“ и „Свифтс“, а на крајот небото над Москва беше обоено во боите на руското знаме со прелет на борбени авиони Су-25.
Путин во истото обраќање изјави дека војната во Украина се приближува кон крај, додавајќи дека евентуална средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски би имала смисла само како финален чекор во мировниот процес.
Тој нагласи дека не одбива дијалог, но дека таква средба мора да биде резултат на веќе постигнат договор, а не почеток на преговорите.
Путин исто така коментираше дека неколку меѓународни актери покажуваат интерес за намалување на тензиите, меѓу кои ги спомена и САД, наведувајќи дека актуелната американска администрација, според него, се залага за решение на конфликтот.
Тој изрази надеж за постепено обновување на односите меѓу Русија и Европската Унија, оценувајќи дека тоа би било во интерес на двете страни.
Во однос на посредувањето, Путин посочи дека би ја поздравил улогата на поранешниот германски канцелар Герхард Шредер.
Дополнително, тој порача дека Русија не упатила формални покани за прославата, но дека секој што присуствувал покажал, како што рече, „храброст“ во услови на меѓународни тензии.
Путин се осврна и на глобални теми, вклучувајќи ги односите меѓу САД и Кина, како и ситуацијата со Иран, нагласувајќи дека стабилните односи меѓу големите сили се од заеднички интерес.
