СОВЕТ ЗА СЛАБЕЕЊЕ – Не е гладот проблемот, туку она што го јадете
Храната што ве тера да јадете побрзо и повеќе без да забележите

Новите научни согледувања укажуваат дека тешкотијата при слабеење не се сведува само на тоа колку јадеме, туку и каква храна консумираме. Според истражувањата, ултра-преработената храна го поттикнува прејадувањето и ја намалува способноста на организмот да го регулира внесот на калории.
Долго време советите за губење на телесна тежина се базираа на едноставното правило „јади помалку“. Но современите студии покажуваат дека овој пристап не ја зема предвид улогата на гладот, ситоста и составот на оброкот во контролата на исхраната.
Храната со висока енергетска вредност, како слатки, чипс и индустриски преработени оброци, содржи голем број калории во мала количина и не создава долготрајно чувство на ситост. Таквите производи обично се јадат брзо, имаат малку влакна и вода и поради својата текстура не го активираат навреме сигналот за заситеност. Мозокот обично го регистрира чувството на ситост дури по 15 до 20 минути, што дозволува во меѓувреме да се внесат значителни количини калории.
Лекарката и истражувачка во областа на дебелината, Фатима Коди Стенфорд, истакнува:
„Никогаш не им велам на пациентите да јадат помалку калории, туку да избираат поквалитетна храна.“
Сличен став има и професорката по нутриционизам Барбара Ролс, која нагласува дека луѓето почесто го проценуваат внесот на храна според волуменот на оброкот, отколку според неговата калориска вредност.
Затоа, сè повеќе експерти препорачуваат исхрана богата со протеини, влакна и минимално обработени намирници.
Протеините придонесуваат за подолго чувство на ситост и го намалуваат влијанието на грелинот, хормонот кој го стимулира гладот. Влакната, пак, го зголемуваат волуменот на храната и го забавуваат нејзиното варење.
Во пракса, тоа значи дека оброците можат да бидат обемни, но со помалку калории, доколку се базираат на супи, овошје, зеленчук, мешунки, јогурт, овес и лесни чорби, наместо на енергетски богата и преработена храна. Целта на ваквиот пристап, според експертите, не е брзо слабеење, туку одржлива и здрава исхрана на долг рок.
