НОВ ЛИДЕР, СТАРА ДИЛЕМА – Дали Радев ја врти Бугарија кон Москва?

Од воен командант до политички лидер на државата.

НОВ ЛИДЕР, СТАРА ДИЛЕМА – Дали Радев ја врти Бугарија кон Москва?
Фото: Принтскрин

На почетокот на годината, Румен Радев излезе со идеја дека токму тој може да ја извлече Бугарија од политичката криза. Неколку месеци подоцна, на осмите парламентарни избори во последните пет години, неговата политичка опција „Прогресивна Бугарија“ освои убедливо мнозинство.

Вчера, бугарскиот парламент избра нова влада предводена од премиерот Румен Радев.

Поранешниот командант на воздухопловните сили и поранешен претседател, Радев долго време го чекаше овој момент. По години на претежно церемонијална функција, тој сега стои на чело на политичко движење кое доминираше на изборите и најавува формирање на „стабилна и нормална влада“.

Сепак, останува отворено прашањето каква политика ќе води новиот кабинет. Радев е често опишуван како лидер со поизразена блискост кон Москва, а дел од европските медиуми веќе го споредуваат со Виктор Орбан поради неговите ставови.

Владата беше изгласана со 122 гласови „за“, 70 „против“ и 36 воздржани. Во неа има премиер, четири вицепремиери и 18 министри. „Прогресивна Бугарија“ ја поддржа владата, ГЕРБ-СДС се воздржа, додека ДПС, „Демократска Бугарија“, „Продолжуваме со промените“ и „Преродба“ гласаа против.

По гласањето, новите министри положија заклетва пред парламентот.

Меѓу клучните имиња во кабинетот се вицепремиер и министер за финансии Галаб Спасов Донев, вицепремиер и министер за економија Александар Георгиев Пулев и министерка за надворешни работи Велислава Николаева Петрова-Чамова

Политичкиот подем на Радев започна уште во јануари, кога најави нова политичка насока преку „Прогресивна Бугарија“. По изборната победа, тој изјави дека ќе работи на формирање стабилна влада и дека нови избори би биле „катастрофални за земјата“.

Тој нагласи дека Бугарија ќе остане на европскиот пат, но со потреба од „прагматизам и критичко размислување“. Во своите ставови, Радев често ја критикува Европската Унија и се залага за обновување на дијалогот со Русија, како и против испраќање воена помош за Украина.

Неговата политичка линија го приближува до европски лидери како Виктор Орбан, иако Радев истакнува дека Бугарија ќе остане членка и на ЕУ и на НАТО.

Од воена кариера до политика

Пред да влезе во политиката, Радев беше генерал-мајор и командант на бугарските воздухопловни сили. Образован и во САД, стекна репутација на професионален воен пилот и критичар на слабостите во системот.

Во политика влезе во 2016 година кога првпат беше избран за претседател на Бугарија, а повторно ја доби довербата во 2021 година. За време на неговите мандати, тој често беше критичар на владата на Бојко Борисов, особено во периодот на антикорупциските протести во 2020 година.

Со текот на времето, Радев се наметна како една од највлијателните политички фигури во земјата, особено во периодите на долготрајна политичка нестабилност.

Денес, од него се очекува да се справи со големи предизвици и од судски реформи и борба против корупцијата до економско закрепнување во услови на високи очекувања и замор на јавноста од чести избори.

CATEGORIES
Share This