НАПНАТО ВО РУСИЈА – Специјалните служби на нозе пред прославата на 9 мај

Кремљ тврди дека постои зголемена терористичка закана од Киев, додека Москва воведува дополнителни безбедносни мерки пред прославата на Денот на победата.

НАПНАТО ВО РУСИЈА – Специјалните служби на нозе пред прославата на 9 мај
Фото: Принтскрин

Пред прославата на Денот на победата на 9 мај, Москва воведува засилени безбедносни мерки поради, како што тврди Кремљ, зголемената терористичка закана од Киев, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Според него, руските специјални служби традиционално преземаат дополнителни мерки за безбедност во пресрет на големите државни празници, а оваа година тие активности се интензивирани поради „сложената оперативна ситуација“.

„Истото се случува и оваа година, особено имајќи ја предвид терористичката закана од режимот во Киев“ изјави Песков за медиумите.

Тој најави дека рускиот претседател Владимир Путин на 9 мај ќе одржи повеќе билатерални средби со странски делегации и гости кои ќе присуствуваат на одбележувањето на Денот на победата во Москва.

Песков додаде дека помошникот на Путин, Јуриј Ушаков, ќе одржи посебен брифинг посветен на меѓународниот дел од програмата за празникот.

Осврнувајќи се на прекинот на огнот, Песков нагласи дека едностраното примирје прогласено од Русија ќе важи на 8 и 9 мај, додека Москва, како што рече, не реагирала на украинскиот предлог за прекин на огнот.

Во меѓувреме, Кремљ порача дека останува отворен за продолжување на разговорите за украинското прашање и очекува Соединети Американски Држави да продолжат да посредуваат во преговорите.

Претходно, руското Министерство за одбрана соопшти дека постојат закани за можни напади врз Москва за време на одбележувањето на Денот на победата во Втора светска војна.

CATEGORIES
Share This