БЕРСЕ СО ПОРАКА ДО БУГАРИЈА – Предолго се чека, Советот на Европа бара итно спроведување на пресудите
Генералниот секретар на Советот на Европа вели дека има напредок, но процесот предолго се одолговлекува.

Генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, денеска изјави дека активно се работи на спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права донесени против Бугарија, оценувајќи дека во изминатиот период е постигнат одреден напредок.
„Не е важна само улогата во носењето на одлуките на Судот за човекови права, туку и нивната реална примена. Во случајот со Бугарија, имаме увид во пресудите што сè уште не се извршени и активно работиме на тоа прашање. Во последниот месец има одреден напредок, но потребно е време. Најважно е процесот да биде стабилен и да не остане само симболично решение“, истакна Берсе.
Тој нагласи дека темата повторно ќе се разгледува во рамки на Комитетот на министри на Советот на Европа, со цел конечно спроведувањето на пресудите да стане реалност.
„Точно е дека овој процес трае предолго. Но продолжуваме да работиме и се надевам дека многу скоро ќе има позитивен исход“, порача Берсе.
