ОД ПРИМИРЈЕ ДО КОНФЛИКТ – Америка, Иран и Кина во опасен триаголник
Кина испраќа силна порака и прво официјално „НЕ“ за американските санкции.

Американскиот адмирал Бред Купер, командант на Централната команда (CENTCOM), излезе пред јавноста со кратко, речиси стерилно соопштение за драматичните случувања во Хормутскиот теснец. Во текот на ноќта биле потопени шест ирански моторни чамци, пресретнати се крстосувачки ракети и беспилотни летала, а два американски разорувачи остануваат оперативни во Заливот. Во меѓувреме, два трговски брода, под воена придружба, безбедно го минале теснецот.
Паралелно, властите во Обединетите Арапски Емирати информираа дека ирански дрон се урнал во нафтениот објект во Фуџаира, при што биле повредени тројца индиски работници и избувнал голем пожар. Дополнително, јужнокорејски товарен брод се запалил додека бил закотвен во теснецот. Во оваа напната атмосфера, Доналд Трамп ги повика јужнокорејските власти да се приклучат на иницијативата „Проект слобода“ стратегија што, суштински, подразбира преземање контрола врз Ормутскиот теснец. Од друга страна, Иран преку државната телевизија ги отфрла овие информации како невистинити.
Овие настани го означуваат почетокот на операцијата „Проект слобода“, американски обид да се пробие иранската блокада преку воена придружба и да се ослободат стотиците бродови заглавени во Персискиот Залив уште од крајот на февруари. Само еден месец претходно, Трамп го информираше Конгресот дека „непријателствата со Иран се завршени“, но најновиот развој на ситуацијата отвора клучно прашање: дали примирјето воопшто сè уште постои?
Во меѓувреме, на дипломатски план, пристигнуваат значајни сигнали од Кина. Информациите од Пекинг одекнуваат силно во меѓународните кругови, откако Комунистичката партија на Кина за првпат јавно се спротивстави на американските санкции.
Само два дена пред ескалацијата на конфликтот, на 2 мај 2026 година, кинеското Министерство за трговија ја објави „Наредба за забрана бр. 21“ документ со кој се воведуваат три конкретни законски забрани за сите кинески граѓани, компании и организации.
Иако на прв поглед станува збор за техничка регулатива, овој потег претставува сериозен преседан во современите меѓународни односи и сигнал за можна нова фаза на глобални тензии.
