ЕНЕРГЕТСКИ БУМ НА ПОВИДОК – САД и Македонија во нова офанзива
Средбата со американската амбасада означува почеток на конкретна реализација на стратешкото партнерство.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска одржа средба со вршителката на должност амбасадор на САД, Никол Варнс, на која беше потврдена заедничката заложба за унапредување на стратешкото партнерство во енергетскиот сектор.
Божиновска информираше дека, по потпишувањето на Меморандумот за соработка во рамки на Стратешкиот дијалог со САД, следува фаза на практична реализација, со акцент на конкретни проекти и инвестиции насочени кон зајакнување на енергетската безбедност на државата.
На состанокот се разговарало за можности за соработка во развојот на гасната инфраструктура, зголемување на учеството на обновливите извори на енергија, како и за стратешки проекти кои треба да придонесат кон диверзификација на изворите, регионално поврзување и економски развој.
Министерката истакна дека ваквото партнерство е значаен чекор кон стабилен и одржлив енергетски систем, кој ќе ја поддржи економијата и ќе обезбеди долгорочна енергетска сигурност. Таа додаде дека државата останува посветена на развој на модерна енергетска политика базирана на современи технологии и силни меѓународни соработки.
