СКАНДАЛ ВО ВИЕНА – Руски дипломати фатени во шпионска афера во Австрија
Случајот поврзан со наводно користење сателитска опрема за разузнавање од дипломатски објекти во Виена.

Виена протера тројца руски дипломати поради сомневања за шпионски активности, соопшти австриското Министерство за надворешни работи.
Според властите, дипломатите наводно биле вклучени во собирање разузнавачки информации преку сателитска опрема поставена на покривите на објекти поврзани со руската дипломатска мисија во Виена.
Во средината на април, рускиот амбасадор во Австрија, Андреј Јурјевич Грозов, бил повикан во Министерството за надворешни работи, каде од него било побарано да се откажат од дипломатскиот имунитет на тројцата службеници. Откако Русија го одбила тоа барање, Австрија донела одлука за нивно протерување. Според извештаите, тие веќе ја напуштиле земјата.
Австриската министерка за надворешни работи, Беате Мајнл-Рајзингер, изјави дека шпионажата претставува сериозно безбедносно прашање за државата и дека владата ќе продолжи со доследни мерки против вакви појави. Таа нагласи дека е неприфатливо дипломатскиот имунитет да се злоупотребува за разузнавачки активности и најави заострување на законите поврзани со шпионажа.
Виена историски била центар на разузнавачки активности поради својата географска положба, а и денес се смета за чувствителна точка за вакви операции. И покрај протерувањата, во Австрија сè уште се присутни околу 220 вработени во руските дипломатски мисии.
