ИНЦИДЕНТ ВО РАНИТЕ ЧАСОВИ – Млади од повеќе градови се степале пред локал во Скопје
Инцидентот се случил околу 01:15 часот, а учесниците се на возраст од 18 до 26 години.

Ноќеска околу 01:15 часот, пред угостителски објект во скопската општина Центар, дошло до нарушување на јавниот ред и мир поради физичка пресметка меѓу повеќе лица, информира Министерството за внатрешни работи.
Според полицијата, во инцидентот учествувале седум лица на возраст од 18 до 26 години, од Скопје, Куманово, како и од селата Трновац и Тромеѓа.
Од МВР соопштуваат дека случајот бил пријавен во СВР Скопје на 3 мај во 01:15 часот, кога било констатирано дека пред угостителски објект на подрачјето на Центар настанала меѓусебна тепачка.
Во пресметката учествувале Н.С.(18), Н.А.(19), А.С.(26) и Е.С.(19) од Скопје, И.Г.(19) од село Трновац (кратовско), Д.М.(22) од Куманово и М.С.(24) од село Тромеѓа (кумановско).
Од Министерството најавуваат дека по целосно расчистување и документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави против инволвираните лица.
