ДЕНЕС Е СВЕТСКИ ДЕН НА МЕДИУМИТЕ – Се открива мрачната реалност зад вестите што ги читаме секој ден
УНЕСКО и ЕУ предупредуваат на сериозен пад на слободата на медиумите во светот.

Под мотото „Обликување на иднина во мир“, утре и задутре во Лусака, Замбија, ќе се одржи глобална конференција по повод 3 Мај Светскиот ден на слободата на медиумите.
Овој ден е воспоставен со одлука на Генералното собрание на ОН и препорака на УНЕСКО во 1991 година, а се одбележува од 1993 година. Неговата цел е да ја промовира слободата на медиумите, да ја истакне важноста на нивната заштита и да се спротивстави на сите форми на влијание и притисок врз новинарството, како и да им оддаде почит на новинарите кои ги загубиле животите додека ја извршувале својата работа.
Датумот се поврзува со усвојувањето на Декларацијата од Виндхоек во 1991 година, која ги постави основите за независно и плуралистичко новинарство во Африка. Документот беше донесен од африкански новинари во Виндхоек, Намибија.
УНЕСКО предупредува дека слободата на медиумите е во значителен пад. Според нивните извештаи, во периодот 2022-2025 година е забележано најголемо назадување од 2012 година, со трендови споредливи со периоди на големи глобални кризи во 20 век.
Организацијата посочува дека манипулацијата со информации, вклучително и злоупотребата на вештачка интелигенција, ја поткопува довербата во медиумите и ја загрозува безбедноста. Дополнително, независните медиуми се соочуваат со економска нестабилност, а самоцензурата значително расте поради притисоци, закани, онлајн вознемирување и судски постапки.
Европската Унија по повод 3 Мај порача дека слободните и независни медиуми се темел на демократијата. Таа предупредува на зголемено насилство врз новинарите ширум светот, вклучувајќи убиства, апсења, закани и принудни протерувања. Посебно се нагласува и растот на онлајн насилството врз новинарките.
ЕУ истакнува дека без слобода на медиумите нема демократија, а пристапот до информации и слободата на изразување се основни човекови права. Исто така, се предупредува на пораст на дезинформации, притисоци преку тужби и ограничување на странски дописници, што дополнително го отежнува професионалното новинарство.
Во исто време, ЕУ најавува продолжување на поддршката за независното и квалитетно новинарство преку соработка со меѓународни и регионални организации.
По повод 3 Мај, и во Македонија се одржуваат активности во организација на новинарски здруженија и синдикати, со порака дека солидарноста и заштитата на новинарите се клучни за јавниот интерес и слободното информирање.
