ПОВЕЌЕ ОД ПОЛОВИНА СВЕТ ПОД МЕДИУМСКИ МРАК – Слободата на медиумите никогаш полоша
Новиот извештај на „Репортери без граници“ открива најлоша состојба на медиумските слободи во последните 25 години.

За првпат во историјата на Индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“, повеќе од половина од државите во светот се наоѓаат во категориите „тешка“ или „многу сериозна“ состојба.
Македонија годинава бележи пад од три места и е рангирана на 45. позиција, во групата земји со „проблематична“ состојба. Во извештајот се посочува дека назадување има кај сите пет клучни индикатори кои ја мерат слободата на медиумите.
Анализата укажува дека телевизијата останува главен извор на информации, додека онлајн медиумите имаат сè поважна улога. Сепак, се прави разлика меѓу професионалните медиумски куќи и порталите кои пренесуваат или копираат содржини без уредничка обработка.
Се истакнува и голем јаз меѓу гледаноста и довербата кај медиумите. Најгледаните телевизии „Алсат“, „Сител“, „МТВ1“ и „Канал 5“ имаат ниско ниво на доверба според индексот.
Организацијата нотира и проблематичен однос на дел од владините претставници кон новинарите, како и недоволна транспарентност на институциите. Според извештајот, критичкото новинарство сè почесто се соочува со притисоци и напади.
Дополнително, силната политичка поларизација го влошува медиумскиот амбиент, при што двете најголеми партии, како што се наведува, имаат развиено паралелни медиумски структури под политичко и економско влијание. Јавниот сервис, пак, се соочува со недостиг на уредничка и финансиска независност.
Во регионот, само Словенија (36-то место) и Црна Гора (41-во место) се во категоријата „задоволителна“ состојба. Во „проблематична“ група, покрај Македонија, се и Хрватска, Бугарија, Албанија и Грција, додека Босна и Херцеговина и Србија се во „тешка“ состојба.
На врвот на листата останува Норвешка веќе десетта година по ред, додека Еритреја е последна. Најголем напредок бележи Сирија, која се искачила за 36 позиции по политичките промени.
Извештајот предупредува дека глобалната состојба со медиумските слободи е најлоша во последните 25 години. Меѓу главните закани се наведуваат криминализација на новинарството преку злоупотреба на закони за безбедност, СЛАПП-тужби за замолчување на истражувачки новинари, како и политички притисоци врз медиумите.
И САД бележат пад, на 64-то место, што делумно се поврзува со засилена политичка реторика и напади врз медиумите.
