ТАРАВАРИ И СНОПЧЕ ПО ПОВОД ВЕЈЦЕ – Припадниците на УЧК не се терористи
Таравари бара промена на спорниот натпис на спомен-плочата.

Реакции пристигнуваат од партии од албанскиот политички блок по оддавањето почит од страна на министерот за одбрана Владо Мисајловски на спомен-обележјето во касарната „Илинден“, посветено на загинатите припадници на безбедносните сили во настаните кај Вејце во 2001 година.
Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, оцени дека текстот на спомен-плочата е неприфатлив и побара негово менување, нагласувајќи дека ваквата формулација може да се смета за навредлива за дел од граѓаните. Тој истакна дека обележјето се наоѓа во државна воена установа и дека неговата содржина треба да биде во духот на мултиетничкиот карактер на државата, повикувајќи ги институциите да реагираат.
Дополнително, пратеник од Алијансата за Албанците, предводена од Таравари, изјави дека УЧК и нејзините припадници не треба да се означуваат како терористи и побара итна промена на натписот на спомен-обележјето во касарната „Илинден“. Тој реагираше и на објавата на министерот Мисајловски, кој положи цвеќе во знак на почит кон загинатите.
Во објавите на социјалните мрежи, министерот за одбрана Владо Мисајловски им оддаде почит на загинатите припадници на Армијата и полицијата, истакнувајќи дека нивната жртва е дел од државното сеќавање и дека тие загинале во одбрана на татковината.
На 28 април 2001 година во настаните кај Вејце животот го загубија осум припадници на безбедносните сили. Настаните од 2001 година и понатаму остануваат предмет на различни политички толкувања и јавни реакции во земјата.
