ВАНДАЛИЗАМ ВО ШТИП – Едно лице уништи училиште, над 1.100 ученици останаа без настава
Вандалски упад на полноќ остави зад себе уништени училници и прекината настава.

Вандалски чин во ООУ „Ванчо Прќе“ во Штип ја прекина наставата за повеќе од 1.100 ученици, потврди директорот Кокан Радев. Училиштето, кое се наоѓа во централното градско подрачје, претрпело значителна материјална штета и уништени се смарт табли, училишен инвентар и компјутери, а ѕидовите и клупите се оштетени и ишарани со спреј и остар предмет.
Според снимките од безбедносните камери, сторителот влегол во училиштето околу полноќ преку делот кај фискултурната сала, по што се движел низ просториите каде се одвива наставата. Штетите се најголеми во кабинетите за предметна настава, додека кабинетот по хемија останал недопрен бидејќи бил заклучен.
Директорот информира дека едно лице е одговорно за вандализмот. Иако една од камерите била испрскана со спреј, таа сепак успеала да го сними сторителот додека се обидувал да ја онеспособи.
Оштетувањата се регистрирани на првиот, вториот и третиот кат, додека приземјето засега не покажува поголеми штети, освен траги од насилно влегување.
Во тек е увид од истражните органи, а проценката на штетата сè уште трае. Надлежните се надеваат дека во наредните неколку дена кабинетите ќе бидат оспособени, со што наставата би можела да продолжи од понеделник. Родителите и учениците дополнително ќе бидат информирани.
Ова е прв ваков инцидент во најголемото основно училиште во централното подрачје на Штип.
