ПРЕТСТАВАТА ЗАПАДЕН ЕКСПРЕС ЈА ТРЕСЕ СЦЕНАТА НА МНТ – Приказна што го разоткрива „лажниот сон“ на Западот
Премиера на 30 април во МНТ, прва реприза веќе на 4 мај.

На денешната прес-конференција во Македонскиот народен театар беше најавена премиерата на претставата „Западен експрес“, копродукциски проект на МИ Филм, Sadsongskomplex:fi и МНТ.
Премиерата е закажана за 30 април во 20:00 часот на Малата сцена во МНТ, додека првата реприза ќе се одигра на 4 мај.
Претставата е поставена според текст на познатиот романски автор Матеј Вишњек, добитник на повеќе меѓународни награди, а режијата е на Јари Јутинен. Во актерската екипа настапуваат Ивица Димитријевиќ, Мирјана Трпковска Костовска и Васко Костовски. Сценографијата и костимографијата се дело на Кристина Божурска, додека музиката ја потпишува Јане Трајковски.
Како што беше истакнато на прес-конференцијата, „Западен експрес“ претставува значаен пример на регионална и европска уметничка соработка. Никола Кимовски, првиот човек на МНТ, нагласи дека ваквите копродукции ја зајакнуваат размената на театарски искуства и отвораат простор за нови сценски изрази и перспективи. Според него, МНТ преку вакви проекти се позиционира како активен учесник во современите европски културни текови.
Содржински, претставата ја следи приказната за луѓе од Истокот кои се стремат кон митскиот Запад и неговото ветување за подобра иднина, за на крај да се соочат со сознанието дека „западниот сон“ е само илузија.
„Западен експрес“ ги става во контраст двете симболични движења: Ориент експресот, како симбол на западниот луксуз и историја, и Оксидентал експресот движењето на мигрантите и свеста насочена кон центри како Европската унија и „американскиот модел“.
Во претставата се прикажува широка галерија на ликови од војници, професори, музичари и актери, до мигранти и затвореници. Структурирана е во тринаесет сцени, поврзани преку ликот на слеп старец кој носи симболика на Едип и неговата трагична мудрост, поставена во современ контекст.
Вишњек преку делото го набљудува Западот од перспектива на Истокот, обработувајќи ги темите на стремежот кон западниот идеал и последиците од губењето на културниот и јазичниот идентитет. Иако се отвораат сериозни и актуелни прашања, авторот користи гротеска и леснотија во изразот, создавајќи сценски свет во кој човекот останува во центарот, а театарот станува алатка за подлабоко разбирање на современата реалност.
