1 МАЈ СЕ ВРЕЌА НА УЛИЦА – ССМ повикува на масовен протест

Работниците бараат минимална плата од 600 евра и подобри услови за работа.

1 МАЈ СЕ ВРЕЌА НА УЛИЦА – ССМ повикува на масовен протест
Фото: Национал

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и оваа година ќе организира протест по повод 1 Мај Меѓународниот ден на трудот. Протестот ќе започне во 11 часот пред седиштето на ССМ, ќе продолжи пред Собранието и Стопанската комора, а ќе заврши пред Владата.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, ги повика работниците масовно да се приклучат, со цел јасно да ги искажат барањата за повисока минимална плата и подобри услови за работа.

Според податоците на Управата за јавни приходи, повеќе од 260.000 работници во земјава живеат со примања под 600 евра, што е околу половина од вкупната работна сила. Трендафилов нагласи дека наместо незадоволството да го изразуваат поединечно, работниците треба заеднички да излезат и да покажат колку се незадоволни.

Тој посочи дека и покрај зголемувањето на минималната плата за 1.667 денари во март, растот на синдикалната минимална кошница за 3.304 денари од почетокот на годината покажува дека дури и семејствата со двајца вработени на минималец не можат да ги покријат основните трошоци за живот.

Овој, како што рече, е сериозен аларм за креаторите на политики, работодавачите и целото општество.

Трендафилов предупреди и на ризикот од укинување на колективни договори, посочувајќи дека евентуалната одлука на Уставниот суд за договорот во културата може да предизвика поширок негативен ефект.

Дополнително, тој се осврна на неодамнешните несреќи на работното место, нагласувајќи дека тие треба да бидат сигнал за зголемување на инспекцискиот надзор и подобрување на безбедноста на работниците.

На крајот, порача дека 1 Мај е ден кога работниците треба да бидат најгласни и обединети, за заеднички да се спротивстават на неправдите со кои се соочуваат во текот на годината.

CATEGORIES
Share This