25 ГОДИНИ ПОДОЦНА – Нема спомен, нема одговори за убиените бранители кај Вејце
Осум бранители загинаа во заседа, настан што и денес предизвикува контроверзии.

Одборот на бранителите денеска одбележа 25 години од трагичниот настан во кој животот го загубија осум припадници на безбедносните сили. Настанот се случил на 28 април 2001 година, меѓу селата Селце и Вејце, на Шар Планина, во месноста Бреза.
Комеморацијата започна со едноминутно молчење, по што млади вокалисти од Тетово ја изведоа македонската химна и рецитали посветени на загинатите. Пред спомен-плочата со нивните имиња, цвеќе положија претставници на Одборот на бранители, Министерството за одбрана, Армијата, МВР, политички партии, здруженија, како и граѓани.
Претседателот на Одборот на бранители, Марин Најдов, истакна дека овој ден е потсетник на жртвата што бранителите ја дале за државата, нагласувајќи дека нивниот аманет е да се чува и гради Македонија како заеднички дом за сите.
Тој посочи дека и по 25 години сè уште постојат неразјаснети прашања за настанот, изразувајќи надеж дека вистината ќе излезе на виделина, а правдата ќе биде задоволена.
Во трагичниот настан загинаа припадници на единицата „Волци“ и полицајци од ОВР Битола: Роберт Петковски (27), Игор Костески (26), Миле Јаневски (30), Бобан Трајковски (28), Марјан Божиновски (27), Илче Стојановски (24), Бошко Најдовски (25) и Кире Костадиновски (24).
Настанот останува длабоко врежан во поновата историја на Македонија како симбол на жртва и потсетник на цената на мирот.

