ДРАМА ВО ЗАЛИВОТ – Иран бара пари за премин низ Хормутскиот теснец

Такси за бродови наместо договор, Техеран со радикален пресврт.

ДРАМА ВО ЗАЛИВОТ – Иран бара пари за премин низ Хормутскиот теснец
Фото: Принтскрин

Во понеделник, Иран излезе со нов предлог за прекин на огнот, фокусиран на повторно отворање на Ормутскиот теснец, една од најважните светски рути за транспорт на нафта и гас. Според планот, чувствителните прашања како нуклеарната програма, ракетите и санкциите би биле оставени за подоцнежна фаза од преговорите.

Во меѓувреме, иранскиот парламент подготвува закон со кој бродските компании би плаќале такси за транзит низ теснецот, што претставува значајна промена бидејќи преминот претходно беше бесплатен. Од Техеран сигнализираат подготвеност за разговори за нуклеарната програма, но само доколку САД ја укинат блокадата.

Преговарачите се под силен притисок од Корпус на Исламската револуционерна гарда и домашната јавност да не попуштаат по нуклеарното прашање. Сепак, медијаторите предупредуваат дека стратегијата „Ормуз прво“ тешко дека ќе ги задоволи целите на Вашингтон, особено барањето за трајно ограничување на иранската нуклеарна програма.

Дополнително, Меѓународната поморска организација ја отфрли идејата за воведување такси, нагласувајќи дека нема правна основа за наплата во меѓународен теснец.

Промената во пристапот на Иран доаѓа по заострувањето на мерките од страна на Доналд Трамп, кој воведе контраблокада на транспортот поврзан со иранските пристаништа. Ова дополнително ја продлабочи економската криза во земјата.

Според Меѓународниот монетарен фонд, иранската економија оваа година ќе се намали за 6,1%, додека инфлацијата се приближува до 70%. Истовремено, блокадата создаде сериозни логистички проблеми и танкерите не можат да се вратат во пристаништата, а земјата се соочува со недостиг од складишен простор за енергенси, што може да има долгорочни последици за енергетскиот сектор.

CATEGORIES
Share This