СЕНЗАЦИЈА НА БАЛКАНОТ – Фестивалот Охридско лето со најсилна програма досега

Свечено отворање со гала концерт „Љубов“ на Античкиот театар со светски оперски ѕвезди.

СЕНЗАЦИЈА НА БАЛКАНОТ – Фестивалот Охридско лето со најсилна програма досега
Фото: Принтскрин

Со свечен гала концерт насловен „Љубов“, на 12 јули на Античкиот театар во Охрид ќе биде отворено 66. издание на фестивалот Охридско лето.

Настанот ќе биде под диригентска палка на Марко Боеми од Италија, а со оркестарот на Националната опера и балет на Македонија ќе настапат реномираната сопранистка Ермонела Јахо од Албанија и светски познатиот тенор Чарлс Кастроново од САД. Отворањето беше најавено на прес-конференција од директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, кој ја претстави и целокупната програма на фестивалот.

Од 12 јули до 20 август, програмата ќе се реализира на повеќе локации: Античкиот театар, црквата „Света Софија“ и нејзиното предворје, Центарот за култура „Григор Прличев“ и сцената Долни Сарај. Вкупно се предвидени 48 настани со учество на над 700 уметници од 24 земји, што уште еднаш ја потврдува силната меѓународна димензија на фестивалот.

Во музичкиот дел, публиката ќе има можност да ги слушне светски познати уметници како пијанистот Александер Мелников, виолинистот Стефан Миленковиќ, пијанистката Исата Кане-Мејсон и Вадим Холоденко. Ќе настапат и бројни камерни состави и оркестри од Европа и светот, меѓу кои и Загрепската филхармонија со околу 70 изведувачи под водство на диригентот Давид Рунц. За првпат, фестивалот ќе биде домаќин на два меѓународни симфониски оркестри, меѓу кои и кинескиот оркестар „Нингбо“.

Џез-програмата „OH JAZZ“ повторно ќе се одржи на сцената Долни Сарај со четири вечери посветени на џез музиката, во кои ќе настапат домашни и странски уметници, меѓу кои Нубаја Гарсија, Петер Сомуа и Националниот џез оркестар на Македонија.

Драмската програма ќе понуди повеќе значајни театарски остварувања, меѓу кои „Татко“ од Флоријан Зелер во режија на Иван Поповски, „Кориолајн“ од Шекспир во режија на Џон Блондел, како и „Буре барут“ од Дејан Дуковски во режија на Дејан Пројковски, кој ќе го означи и свеченото затворање на фестивалот.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, оцени дека програмата е квалитетна и внимателно осмислена, истакнувајќи дека фестивалот претставува спој на традицијата и современите уметнички текови и важен фактор за културниот туризам и меѓународната афирмација на државата.

Во рамки на фестивалот ќе бидат одбележани и значајни јубилеи, меѓу кои 100 години од раѓањето на оперската примадона Ана Липша-Тофовиќ, а посебно внимание ќе се посвети и на младите уметници преку програмите „Rising stars“ и „Подиум на млади“.

Традиционално ќе се одржат и повеќе интернационални вечери во соработка со амбасади, меѓу кои Австриска, Шпанска, Италијанска, Француска, Холандска, Грчка, како и вечери посветени на ЕУ, Унгарија и Полска.

На прес-конференцијата беше најавено и дека од денес започнува онлајн продажбата на билети, со што на публиката ѝ се овозможува полесен и побрз пристап до програмата на фестивалот.

CATEGORIES
Share This