ВЛАДАТА ОТВОРИ МИЛИОНСКА НАБАВКА – 100 нови амбулантни возила ќе ја „спасуваат“ Македонија

Инвестиција од над 461 милион денари за модернизација на итната помош.

ВЛАДАТА ОТВОРИ МИЛИОНСКА НАБАВКА – 100 нови амбулантни возила ќе ја „спасуваат“ Македонија
Фото: Принтскрин

Министерството за здравство објави јавна набавка за 100 нови амбулантни возила, опремени со современа медицинска технологија, наменети за јавните здравствени установи низ целата држава.

Проектот, вреден 461.250.000 денари, моментално е во фаза на поднесување понуди, согласно законските процедури.

Како што истакна министерот за здравство Азир Алиу, со оваа набавка значително ќе се зајакне капацитетот на здравствениот систем за справување со итни случаи. Новите возила ќе овозможат побрз и поефикасен транспорт на пациентите, како и навремена интервенција на медицинските тимови.

Дополнително, амбулантните возила ќе бидат рамномерно распределени низ земјата, со посебен фокус на руралните средини, со што ќе се подобри достапноста до здравствени услуги.

Од Министерството нагласуваат дека оваа инвестиција е дел од поширока стратегија за модернизација на итната медицинска помош и унапредување на подготвеноста на здравствениот систем за справување со кризни ситуации.

CATEGORIES
Share This