ШТО СЕ СЛУЧУВА ВО ЗДРАВСТВОТО – Приведени доктори во голема полициска акција

Од полицијата апелираат да не се шпекулира со непотврдени информации, со цел да не се наруши постапката и да се зачува презумпцијата на невиност.

ШТО СЕ СЛУЧУВА ВО ЗДРАВСТВОТО – Приведени доктори во голема полициска акција
Фото: Принтскрин

Полицијата денеска спроведе широка акција насочена кон проверка на наводи за незаконски медицински третмани и употреба на нерегистрирани препарати.

Акцијата, координирана од Одделот за борба против организиран криминал при Бирото за јавна безбедност, се реализирала на повеќе локации низ државата, вклучително и објекти поврзани со здравствени установи.

Според неофицијални информации, под истрага се неколку медицински лица за кои постои сомнеж дека работеле спротивно на законските прописи. Станува збор за лекари од областа на дерматологијата и други медицински дејности.

Надлежните институции засега не откриваат детали за идентитетите, ниту за евентуално поднесени пријави, посочувајќи дека истрагата е во тек и дека повеќе информации ќе бидат објавени по нејзиното завршување. Од полицијата апелираат да не се шпекулира со непотврдени информации, со цел да не се наруши постапката и да се зачува презумпцијата на невиност.

Според дел од медиумските извештаи, во акцијата се опфатени лекари со иницијали Н.К., А.К., Д.Ф., М.И.В. и А.Т., дел од нив поврзани со клиники и приватни дерматолошки ординации.

Акцијата се спроведува под раководство на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, при што е разбиена организирана криминална група осомничена за повеќе кривични дела. Врз основа на судски наредби, извршени се претреси на повеќе локации во Скопје, Струмица и Битола, а приведени се повеќе лица, меѓу кои и доктори и сопственици на ординации.

CATEGORIES
Share This