НЕМА БИЛЕТИ – Битолскиот театар ја распродаде премиерата уште пред да се крене завесата

Битолскиот театар најавува нова комедија што ја враќа магијата на водвиљот

НЕМА БИЛЕТИ – Битолскиот театар ја распродаде премиерата уште пред да се крене завесата
Фото: Принтскрин

По повод премиерата на третата претстава од годишната програма за 2026 година, „Секстет“ од Марк Камолети, во режија на Марјан Георгиевски, во Битолскиот театар се одржа прес-конференција.

Премиерата е закажана за 25 април и веќе е целосно распродадена, додека првата следна изведба ќе биде на 27 април, со почеток во 20 часот.

Режисерот Марјан Георгиевски истакна дека комедијата за него претставува посебен предизвик и враќање кон жанр кој го доживувал уште во младоста како прв контакт со театарската уметност.

„Како млади вљубеници во театарот го гледавме тој жанр на претстави и тоа ни беше првото чувство дека театарот е игра која и ние сакаме да ја создаваме. Подоцна работевме на поинакви форми, но сега решивме да се вратиме кон водвиљот, кој како генерација не сме го доживеале директно на сцена. Тоа беше голем предизвик и вистинско задоволство“, рече Георгиевски.

Тој додава дека комедијата е сложена форма и покрај тоа што на публиката ѝ изгледа лесна и едноставна.

Тој потенцираше дека процесот на работа бил внимателно осмислен, особено во изборот на актерската екипа, со оглед на специфичноста на жанрот.

Претставата е адаптација на делото на Марк Камолети, „Не се дотерувај за вечера“, автор познат по своите водвиљи кои се поставувани во над 55 земји.

„Камолети е вистински мајстор на комедијата. Секоја реплика и секое дејство се прецизно изградени и имаат своја функција. Ова е претстава создадена за публика и со нетрпение очекуваме средба со неа. Во време на стрес и турбуленции, важно е да понудиме простор за смеа и одмор од секојдневието“, додаде режисерот.

Во претставата настапуваат: Николче Пројчевски како Бернар, Катерина Аневска Дранговска како Жаклина, Александар Димитровски како Роберт, Сандра Грибовска Илиевска како Сузан, Марија Цветановска како Сузет и Борче Ѓаковски како Џорџ.

CATEGORIES
Share This