СЕГА СЕ ВКЛУЧУВА ЕВРОПА – Случајот со десетгодишната бугарска забрана за Менкиноски добива пресврт
Комесарот на Советот на Европа најави детална проверка на случајот со забраната за влез во Бугарија.

Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти, изјави дека внимателно ќе го разгледа случајот со македонскиот адвокат Тони Менкиноски, на кого му е забранет влез во Бугарија во траење од 10 години.
Тој одговарајќи на прашање од пратеници од Македонија, истакна дека е информиран за случајот и дека ќе го испита подетално.
„Во тек сум со овој случај и морам внимателно да го разгледам. Според информациите што ги имам, на адвокатот наводно му е забранет влез во земјата подолг период додека ги застапувал лица таму. Ќе ја анализирам ситуацијата и сум подготвен за дополнителни контакти за подобро разбирање на сите околности“ – изјави О’Флаерти.
Тој додаде дека утре ќе одржи средба со двете македонски пратенички, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Ивана Василевска, со цел да разговараат за овој случај.
Претходно, и генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, изрази подготвеност институцијата детално да се запознае со случајот, по прашање поставено во Парламентарното собрание на Советот на Европа.
