НЕВЕРОЈАТЕН РАСТ – Македонците трошат стотици милиони евра на шопинг во странство
Македонците направиле над 12 милиони онлајн трансакции во странство во 2025 година и вкупната потрошувачка достигна 427,8 милиони евра.

Македонците сè повеќе купуваат онлајн од странски е-трговци и трошат значително поголеми суми преку своите платежни картички, покажуваат анализите на Асоцијацијата за е-трговија врз основа на податоци од Народната банка.
Во текот на 2025 година, македонските граѓани направиле околу 12,4 милиони онлајн трансакции во странство, со вкупна потрошувачка од 427,8 милиони евра. Најчесто се купувале производи и услуги поврзани со патувања, како авио-билети и резервации за сместување.
Во споредба со 2024 година, вредноста на онлајн плаќањата пораснала за околу 50%, додека бројот на трансакции се зголемил за 69%. Просечната вредност на една трансакција изнесува 34 евра, што е пад од околу 11% во однос на претходната година.
Најголем дел од потрошувачката или околу 74% од вредноста и 83% од бројот на трансакции е концентриран во неколку земји, меѓу кои Ирска, Холандија, Обединетото Кралство, САД, Унгарија, Германија, Кипар и Луксембург.
Најмногу пари Македонците потрошиле во Ирска, вкупно 92,1 милион евра, што претставува силен раст од 173% на годишно ниво. По неа следи Холандија со 62,4 милиони евра и раст од 49%.
Ирска е и земјата со најголем број трансакции од околу 4,8 милиони, додека значаен обем има и во САД со околу 2,1 милион трансакции. Најголем раст на бројот на трансакции е забележан во Германија (речиси 650%) и Кипар (263%), додека пад има во Луксембург и Обединетото Кралство.
Просечно, највисока вредност по трансакција е забележана во Унгарија со околу 152 евра, а најниска во Луксембург 14,1 евро. Во Германија, пак, просечната вредност на трансакција драстично опаднала, речиси за 70%.
Од Асоцијацијата за е-трговија истакнуваат дека овие податоци не само што го покажуваат растот на онлајн купувањето, туку и промените во тоа каде завршуваат плаќањата, што е резултат на тоа како глобалните дигитални компании ги организираат своите европски операции.
Според нив, доминацијата на Ирска и Холандија се должи на присуството на големи технолошки и е-трговски компании и логистички центри, додека растот на други земји е поврзан со финтек и платежни посредници.
Во целина, трендот укажува дека македонските потрошувачи имаат сè поголем пристап до глобални онлајн платформи, но истовремено и дека значителен дел од парите завршуваат кај странски компании.
