КРАЈ НА ЧЕКАЊЕТО – Новиот граничен премин Клепало поблиску од кога било

Завршени клучните еколошки дозволи и проектот влегува во следна фаза.

КРАЈ НА ЧЕКАЊЕТО – Новиот граничен премин Клепало поблиску од кога било
Фото: Принтскрин

Изградбата на новиот граничен премин меѓу Бугарија и Македонија, „Струмјани – Берово“ (Клепало), може да започне по добивањето на еколошките дозволи од Министерството за животна средина и водни ресурси, јавува БНР.

Градоначалникот на општина Струмјани, Емил Илиев, изјави дека постапката за одобрување на еколошките извештаи е завршена побрзо од очекуваното. Во моментов се усогласуваат барањата поврзани со инфраструктурата на самиот граничен премин, вклучително царинските и граничните служби.

Паралелно се координираат институциите вклучени во проектот, што според Илиев треба да овозможи побрза реализација. Веќе е одобрена и осумкилометарската траса на пристапниот пат, при што е избрана пократка и поеколошка варијанта.

Проектот го спроведуваат локалната самоуправа на Благоевградскиот регион и Агенцијата за патна инфраструктура, со проценета вредност од околу 5,5 милиони евра.

Илиев изрази очекување дека преминот ќе биде функционален до крајот на 2029 година, и покрај можните предизвици поврзани со програмските рокови. Тој нагласи дека ќе се вложат напори проектот да се реализира во периодот 2027-2029 година.

Царинската управа на Македонија уште во октомври 2024 година започна активности за воспоставување на преминот, со инвестиција од 3,7 милиони евра. Од оваа сума, 3,1 милион евра се обезбедени како грант преку ИПА 3 програмата на ЕУ за прекугранична соработка со Бугарија, а 551.548 евра се национално кофинансирање.

Се очекува новиот премин Клепало да ја подобри регионалната поврзаност, да го олесни движењето на луѓе и стоки и да придонесе за економски развој и туризам во Малешевскиот регион.

CATEGORIES
Share This