ГОЛЕМ ПРЕСВРТ ВО БРИСЕЛ – Украина добива 90 милијарди, санкциите кон Русија стануваат построги
По повлекувањето на унгарското вето, ЕУ отвора пат за огромна финансиска помош за Украина.

Амбасадорите на земјите членки на Европската Унија денес ја одобрија исплатата на заем од 90 милијарди евра за Украина, како и нов пакет санкции против Русија. Ова следи откако Унгарија го повлече своето вето, соопшти кипарското претседателство со Советот на ЕУ. Финалната потврда од сите земји-членки се очекува до четврток.
Спорот беше надминат откако унгарската нафтена компанија МОЛ информираше дека добила известување од украинскиот оператор на гасоводот „Дружба“ дека започнало повторно примање на сурова нафта од Белорусија. Се очекува првите испораки, по рестартирањето на украинскиот дел од системот, да стигнат во Унгарија и Словачка најдоцна утре.
Претходно, ЕУ веќе се согласи за овој финансиски пакет со цел да се обезбеди ликвидност за Украина во периодот 2026-2027 година, но Унгарија ја блокираше одлуката. Премиерот Виктор Орбан тврдеше дека Украина го попречува транзитот на руска нафта преку оштетен дел од гасоводната инфраструктура.
Блокадата истовремено го одложи и усвојувањето на нови санкции против Русија, кои првично беа планирани да се воведат околу четвртата годишнина од почетокот на руската инвазија врз Украина, на 24 февруари 2022 година.
Дополнително, политичките промени во Унгарија придонесоа за поместување на ставовите. По изборниот пораз на партијата на Орбан, новиот политички лидер Петер Маѓар најави дека нема да ја блокира распределбата на европските средства за Киев, иако неговото официјално преземање на функцијата се очекува следниот месец.
