КРАЈ НА ЕДНА ЕРА – Техничката влада пред укинување, жестока пресметка на релација власт и опозиција

Владата најавува стабилност и реформи, Филипче предупредува на партизација и ризик за изборите.

КРАЈ НА ЕДНА ЕРА – Техничката влада пред укинување, жестока пресметка на релација власт и опозиција
Фото: Принтскрин

Со мнозинство гласови, Собранието ја помина првата фаза од измените на Законот за Владата, отворајќи пат за нивно донесување по скратена постапка. За предлогот гласаа 67 пратеници, 13 беа против, без воздржани.

Измените предвидуваат укинување на моделот на техничка влада, кој досега се применуваше во изборни периоди. Владата образложува дека целта е поголема институционална стабилност, правна сигурност и поефикасно управување со јавните ресурси, како и јакнење на демократскиот легитимитет.

Според предлагачот, новото решение треба да воспостави постабилен систем и да ги замени досегашните привремени политички договори со јасна законска рамка.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, остро реагираше, обвинувајќи дека измените се носат нетранспарентно и без политички консензус. Тој предупреди дека се ограничуваат можностите на техничките министри и оцени дека институциите се силно партизирани, што, според него, го доведува во прашање одржувањето на фер избори.

Филипче нагласи дека техничката влада е резултат на договор меѓу најголемите партии и дека нејзиното укинување треба да се направи со консензус.

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека критиките се политички мотивирани и не се однесуваат на суштината на реформите. Според партијата, укинувањето на техничката влада значи нормализација на институциите и надминување на модели кои ја оптоварувале државата.

Тие оценуваат дека реформите се дел од поширок процес за создавање стабилен и функционален систем, во интерес на граѓаните.

CATEGORIES
Share This