МАТУРАТА СЕ МЕНУВА – Нов систем за испити, еве што ги чека учениците во јуни
Учениците ќе полагаат различни испити според насоката – гимназиска, стручна или уметничка.

Согласно новиот Закон за средно образование, оваа учебна година матурантите ќе полагаат три вида завршни испити: државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, истакна дека испитите ќе бидат прилагодени на наставните програми што учениците ги следеле во текот на четиригодишното образование.
„Во зависност од образовниот профил, учениците ќе полагаат различни содржини. Постои разлика меѓу гимназиското, стручното и уметничкото образование, особено во обемот на материјалот и бројот на часови. Затоа и испитниот материјал ќе биде усогласен со она што реално го изучувале учениците“, изјави Јаневска.
Таа додаде дека не очекува појава на масовно препишување, нагласувајќи дека минатата година биле забележани значително помал број вакви случаи.
„Ова нè охрабрува. Со пораката дека матурата треба да се сфати како природно заокружување на средното образование, а не како нешто стресно, се постигна позитивен ефект. Воедно, континуирано се работеше со оценувачите и набљудувачите, што дополнително придонесува за фер и транспарентен процес“, рече министерката.
Според календарот на Државниот испитен центар (ДИЦ), екстерните испити за гимназиската државна матура ќе започнат на 6 јуни, кога учениците ќе полагаат еден од следните предмети: странски јазик (англиски, француски, германски, руски или италијански), математика или историја. Вториот испит, по мајчин јазик и литература (македонски, албански, турски или српски), ќе се одржи на 11 јуни.
Учениците од средните стручни училишта првиот екстерен испит ќе го полагаат исто така на 6 јуни, со избор помеѓу англиски јазик и математика, додека испитот по мајчин јазик и литература е закажан за 12 јуни.
За учениците од уметничките училишта, државната уметничка матура ќе се одржи на 6 јуни (со избор помеѓу англиски јазик и историја) и на 12 јуни, кога ќе го полагаат испитот по мајчин јазик и литература.
