166 МИЛИЈАРДИ ВО ИГРА – Кој ќе профитира од враќањето на царините
Исплатите се очекуваат во рок од 60 до 90 дена по поднесување на документацијата.

Администрацијата на Доналд Трамп започна да прифаќа барања од компании за враќање на повеќе од 166 милијарди долари платени во тарифи, неколку месеци по одлуката на Врховниот суд дека претседателот немал законско овластување да ги воведе.
Како дел од процесот, вчера е пуштен во употреба нов дигитален систем за обработка на барањата, објави „Гардијан“. Според судската одлука од февруари, Законот за вонредна состојба од 1977 година не дозволува толку широко користење за наметнување тарифи. Мнозинството судии, предводено од Џон Робертс, оцени дека законот не го поддржува ваквиот потег, при што на одлуката се приклучија и Нил Горсач и Ејми Кони Барет, додека Томас, Алито и Кавано гласаа против.
Новововедениот систем, наречен „Кејп“, може да обработи околу 63% од увозните декларации поврзани со барањата, а остатокот ќе се интегрира подоцна. Царинските служби признаваат дека инфраструктурата за вакви поврати морала да се создаде речиси од нула, па дури и дека на почетокот немало директен механизам за исплата на средства на сметките на увозниците.
Повеќе од 3.000 компании веќе поднеле тужби или барања за враќање на средствата, меѓу кои се големи имиња како Skechers, Revlon, Toyota, Nintendo of America, FedEx и Costco. Некои од нив започнале постапки уште пред судската одлука, уверени во нејзиниот исход.
Право на поврат имаат само компании кои директно ги платиле царинските давачки, најчесто увозници и корпорации. Обичните граѓани не можат директно да бараат компензација, иако дел од трошоците индиректно ги сносиле преку повисоки цени на производите.
Некои компании, како FedEx, најавија дека ќе ги пренасочат повратените средства кон клиентите, додека Costco навести можност за намалување на цените, иако дел од купувачите веќе изразуваат скепса.
Процесот на исплата се очекува да трае од 60 до 90 дена по поднесување на документацијата. Сепак, системот во првата фаза има ограничувања и засега опфаќа само увоз кој не е постар од 80 дена, додека постапките поврзани со спорови или истраги сè уште не се вклучени.
